ФИЛИГРАНОТ НА БИЛЈАНА КЛЕКАЧКОСКА ШТО ПЕНДАРОВСКИ МУ ГО ПОДАРИ НА ПАПАТА Е ИНСПИРИРАН ОД МОЗАИК ОД СТОБИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филигран на македонската дизајнерка Билјана Клекачкоска беше меѓу подароците што папата Фрањо ги доби од претседателот Стево Пендаровски при официјалната посета на Ватикан.

Опишано како „Три птици собрани околу капка течна светлина на лист од лапис лазули“, делото е инспирирано од мозаик од крстилницата во Епископската базилика во Стоби, која датира од 4. век.

Филигранот беше меѓу подароците што папата ги доби од Пендаровски

„Ми беше голема чест и задоволство да изработам подарок за папата. Инспирирано од Псалмот 42, илустриран на мозаичниот под од крстилницата во најстарата базилика во Македонија, ова дело отсега живее во Ватикан“, вели Клекачкоска.

При изработката на делото се користени злато, сребро, каменот лапис лазули и горски кристал.

„Двете пауници и гулабицата ги изработив во филигранска техника. Птиците облетуваат околу капка од горски кристал, која рачно ја обработив и позлатив со 24-каратно злато. Позадината е мозаичен тенок лист од лапис лазули, кој го изработив во флорентинската техника на мозаична уметност и ги претставува небесата“, појасни Клекачкоска.