НОВАТА СОПРУГА НА БОРИС ЏОНСОН ИЗНАЈМИЛА ДИЗАЈНЕРСКА ВЕНЧАНИЦА ЗА 45 ФУНТИ ЗА ТАЈНАТА ВЕНЧАВКА ВИКЕНДОВ

Лондон, (Дејли мејл)

Борис Џонсон веднаш се врати на работа и ги одложи плановите за меден месец откако во саботата ненајавено се ожени со свршеницата Кери Симондс на приватна церемонија во католичката катедрала Вестминстер, во присуство на мала група роднини и пријатели. Според сегашните мерки, на венчавките во Велика Британија не смеат да присуствуваат повеќе од 30 луѓе, па новата брачна двојка објави дека поголема веселба ќе прави на 30 јули 2022.

(Фото: Фејсбук)

Кери Симондс, која потврди дека отсега ќе биде госпоѓа Џонсон, носеше венчаница од грчкиот дизајнер Кристос Костарелос. Иако фустанот чини 2.800 фунти, Симондс само го изнајмила за свечената прилика за 45 фунти.

Џонсон (56) е првиот британски премиер во последните 199 години кој се оженил додека бил на функцијата. Тој и 23 години помладата Симондс се свршија на карипски остров на крајот на 2019 и лани во март го добија синот Вилфред. Ова е трет брак за Џонсон и од претходните врски има најмалку пет деца.