Бразилскиот уметник Едуардо Срур репродуцира дела од славни уметници без да употреби капка боја. Неговиот материјал за работа се парчиња пластика собрани од улиците и реките.
За својата најнова изложба, тој направи копии од Пикасо, Ван Гог, Моне и Ворхол за да го привлече вниманието на јавноста кон загадувањето предизвикано од пластичен отпад.
„Овие дела ќе останат со векови во историјата на човештвото, исто како и пластиката што ја фрламе во природа“, вели Срур, додека работи во своето ателје во Сао Пауло.
Изложбата насловена „Пластична природа“ ќе биде отворена во Сао Пауло во втората половина на годината.
За да ја крене свеста за заштитата на животната средина, Срур досега поставил неколку огромни инсталации на јавни простори во Сао Пауло, најчесто покрај загадените градски реки.
„Пластиката доминира насекаде, па во оваа серија уметнички дела не користам боја или лепак, туку само парчиња пластични кеси“, изјави Срур.