КАРЛА СУАРЕС НАВАРО ГО ПОБЕДИ РАКОТ И СИ ЈА ИСПОЛНИ ЖЕЛБАТА УШТЕ ЕДНАШ ДА ИГРА НА РОЛАН ГАРОС

Париз, (Би-Би-Си)

Шпанската тенисерка Карла Суарес Наваро заигра на Ролан Гарос само еден месец откако објави дека го победила ракот, додавајќи дека враќањето на овој турнир ѝ била голема инспирација додека се борела со тешката болест.

Триесет и двегодишната Суарес Наваро беше на два поена до победа на својот емотивен камбек, пред да изгуби од Слоен Стивенс со 3:6, 7:6, 6:4 во првото коло. Таа оригинално планираше да се повлече од тениските терени на крајот на минатата година, но поради пандемијата и болеста одлучи да игра и оваа сезона.

Суарес Наваро во септември објави дека ѝ е дијагностициран Хоџкинов лимфом, а во април кажа дека го завршила лекувањето и дека веќе нема рак.

„Зад мене се тешки моменти, тешки месеци, но постојано мислев на враќањето на Ролан Гарос. Бидејќи ми е еден од омилените турнири, бев решена Ролан Гарос да ми биде првиот турнир на кој ќе играм. Горда сум на себеси и среќна што добив шанса уште еднаш да играм во Париз“, изјави Суарес Наваро.