ИГОР ТОШЕВСКИ ВО ФОКУСОТ НА ВЕЧЕРАШНАТА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИ УМЕТНИЦИ ВО „БУКВА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Уметноста на Игор Тошевски е во фокусот на вечерашната презентација во кафе книжарницата „Буква“ (20 часот), во организација на Асоцијацијата за независна културна сцена Јадро. Таа почнува со серија презентации посветени на македонските визуелни уметници, планирани се десет, а разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор Владимир Јанчевски.

Вечерва ќе биде претставен избор на впечатливите дела на Игор Тошевски, создавани во последните три децении.

„Тошевски на специфичен начин ги преиспитува улогата на уметноста во социополитичкиот контекст, нивната нераскинлива врска и можностите преку симболичкиот простор да се дејствува врз општествената реалност. Меѓу делата кои го обележаа творештвото на Тошевски се инсталацијата ‘Досие ‘96’, серијата интервенции ‘Слободни територии’ и реконтекстуализираните инсталации започнати со самостојното претставување во Музејот на современа уметност во 2012 година како ‘Љубовта неразбирлива’“, велат од Јадро.