Ресторанот „Моцерија“ во Сан Франциско е пицерија во која што сите вработени се глуви лица.
„Моцерија“ вработува лица со оштетен слух, иако се случува да немаат ниту еден час искуство во индустријата на ресторани. Сѐ додека имаат желба да се обучуваат, секој може да аплицира за работно место.
Во овој посебен ресторан, секое мени вклучува инструкции за клиентите, кои можат да научат некои едноставни знаци, доколку сакаат да комуницираат на јазикот на келнерите. На секоја маса има пенкало и хартија, во случај да има потреба да се каже нешто што е тешко да се изрази со гестикулации, како, на пример, алергија на одреден вид храна.
Исто така, во „Моцерија“ е поставен посебен начин на комуницирање преку телефон со видеосервис, при што преведувач е поврзан со персоналот. Овие методи се покажале толку успешни, што Комуникациската служба за лица со оштетен слух одобрила средства за развој на франшизата на ресторанот.
„Има луѓе кои доаѓаат од други држави само за да јадат кај нас. Тие слушнаа или прочитаа за нас некаде и ова е откритие за нив. Работиме веќе шест години и неверојатно е колку тоа беа шест успешни години“, вели Рус Стајн, сопственикот на ресторанот.
Следната „Моцерија“ ќе се отвори во втората половина на 2018 година.