Четиринаесеттото издание на Фестивалот на пантомима и физички театар ПАНФИЗ почнува вечерва на платото на Македонскиот народен театар (МНТ).
Бројот на местата ќе биде ограничен на 30, а во случај на лошо време, претставите ќе се играат на малата сцена на МНТ. Билетите ќе бидат поделени пред претставата по принципот прв дојден, прв услужен.
„Оваа година имаме ексклузивна македонска фестивалска премиера во режија и кореографија на Ирена Лозинска. Претставата се вика ‘Четири’ и е сублимат на физички театар, буто, танц и пантомима. ‘Алис ин Вондербанд’ од Србија и оваа година е на ПАНФИЗ, овојпат со целодневна работилница наречена ‘Телото како инструмент’, која ќе биде вистинско освежување за млади таленти, но и за постари актери заинтересирани за перкусионистички елементи, пеење, ритмика и актерска игра“, најавува Фестивалот.
Од Бугарија доаѓа Александар Илиев со претставата „Комедија дел’ арте“, а ќе има и два буто перформанса во продукција и изведба на „Нектан арт центар“ и Марко Стојановиќ од Србија.