Повеќе од 17.500 дрвја треба да се засадат како резултат на еколошката акција „Генералка викенд“ спроведена во мај низ Македонија. Од 6 до 16 мај, илјада учесници организирано чистеа на локации во Дебар, Демир Капија, Гевгелија, Крива Паланка, Крушево, Куманово, Штип, Струмица, Охрид и Велес, при што биле собрани вкупно 175.181 килограм отпад.

Зад проектот стојат Гордана Софија и Ханес Јекл, односно „Мен енд маунтен“, кои за генералката ангажираа мала армија на чистачи, во која придонесоа АРМ, невладини организации, општини, спортски клубови, еколошки друштва и најмалите, таканаречени сончеви пионери.

Дебар беше еден од десетте градови во кои се чистеше

„За секои десет килограми отпад, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донира по едно дрво, една садница, што ќе бидат засадени во област каде ќе расте таа шума. Точната локација на Сончева гора ќе биде објавена летово. Садењето на шумата е вториот дел од проектот ‘Зелена сончева’ и ќе се одвива во ноември“, велат Софија и Јекл, кои сега ги објавија официјалните резултати од чистењето.

Гордана Софија (втора од лево) и Ханес Јекл (втор од десно) при чистењето во Штип

Додаваат дека отпадот беше собран, измерен и рециклиран од „Пакомак“, а секој учесник во просек собрал по 11,8 килограми.

„Сакаме ‘Зелена сончева‘ да прерасне во традиција секоја пролет, со цел еколошка обнова на земјата“, најавуваат Софија и Јекл.

Тие веќе го одредија терминот на следната генералка, мај 2022.

Г. КОНЕВ