ЛЕО МЕСИ НА ПОЛНОЌ СТАНА СЛОБОДЕН ИГРАЧ, НО МАЛКУ КЛУБОВИ МОЖАТ ДА СИ ГО ДОЗВОЛАТ

Барселона, (Би-Би-Си)

Манчестер Сити и Пари Сен-Жермен се на штрек откако Лео Меси на полноќ стана слободен играч. Дванаесет месеци по неуспешниот обид да ја напушти Барселона, неговиот договор со клубот сега и официјално е истечен.

Се верува дека се водат преговори за нов договор, што значи дека Меси сепак би можел да остане на „Камп ноу“, но засега сите опции остануваат отворени.

Секогаш добро упатениот шпански новинар Гилем Балаге вели дека Барселона го подигнала нивото на итност во преговорите, надевајќи се дека до крајот на јули ќе може да објави продолжување на договорот за две сезони.

„Обновувањето на договорот со Лео Меси е апсолутен приоритет за претседателот Џоан Лапорта и тој моментално директно преговара со татко му. За да го задржи, клубот ќе мора да го намали буџетот за плати за 200 милиони евра, со цел да ги исполни барањата за финансиски фер-плеј на шпанската лига“, изјави Балаге.

Иако веќе 34-годишен, малку клубови можат да си го дозволат Меси. Сити и ПСЖ се заинтересирани, но и клубови од американската МЛС лига.