Јапонецот Јуто Хоригоме е првиот олимписки првак во скејтбординг, спорт кој дебитира на Игрите во Токио и треба да биде еден од адутите за привлекување на помладата публика. Дваесет и двегодишниот Хоригоме го освои златото во дисциплината стрит, во градот во кој што научил да скејта како мал, но и во кој неговиот спорт често е неприфатен.
Среброто му припадна на Бразилецот Келвин Хефлер, а трет беше Американецот Џегер Итон.
„Ќе им мавтам со медалот кога следниот пат нема да ми дозволат да скејтам на некое место. Скејтбордингот сè уште е мал спорт. Сакам на сите да им покажам колку е забавен“, вели Хоригоме.
Во финалето, секој од осумтемина натпреварувачи мораше да направи две возења од 45 секунди и да изведе пет трика.
Некои од најмладите учесници на ОИ доаѓаат токму од овој спорт, на чело со две Британки: 14-годишната Бомбет Мартин и Скај Браун, која ќе има 13 години и 11 дена кога ќе настапи во Токио.