НАУЧНИЧКАТА КОЈА ЈА РАЗВИ КОВИД ВАКЦИНАТА НА ОКСФОРД ДОБИ СВОЈА БАРБИ КУКЛА

Лондон, (Би-Би-Си)

Компанијата „Мател“ создаде Барби кукла со ликот на Сара Гилберт, научничката која ја разви вакцината против ковид-19 на Универзитетот Оксфорд.

„Во прв момент ми беше чудно, но се надевам дека ова ќе ги инспирира децата и ќе им укаже на кариери за кои не се свесни, како вакцинолог“, изјави Гилберт.

Нејзината Барби е една од шесте нови кукли посветени на жени од областа на наука, технологија, инженерство и математика.

Гилберт почна да развива вакцина против коронавирусот во почетокот на 2020, набргу откако тој почна да се шири од Кина. Од тоа произлезе вакцината на Оксфорд/АстраЗенека, која денес е најкористена на светот, во повеќе од 170 држави.

Во изминатите години, „Мател“ одговори на критиките дека Барби дава нереалистична слика за жени, па сега ја нуди куклата со разни бои на кожа и најразлични професии.