БРАЈАН АДАМС ГИ ФОТОГРАФИРАШЕ ИГИ ПОП, ШЕР И РИТА ОРА ЗА НОВИОТ КАЛЕНДАР НА „ПИРЕЛИ“

Њујорк, (Гардијан)

Фотографии на музичарите Шер, Иги Поп, Џенифер Хадсон и Грајмс ќе бидат дел од новиот календар на „Пирели“, што го подготвува нивниот колега Брајан Адамс.

Еден од најпознатите канадски рокери беше избран за фотограф на најновото издание на прославениот календар, кој почна да се печати во 1960-ите. Адамс не е странец во оваа професија, бидејќи работи како професионален фотограф повеќе од десет години и негови дела се појавија и во модни списанија како „Вог“ и „Харпер‘с базар“.

Шер на фотосесијата (Фото: А. Скоти)

Идејата на Адамс беше да ги претстави музичарите како да се на турнеја, нешто што не можеа да го работат цела година поради пандемијата.

„Поради ковид-19, никој не можеше да работи. Сите музичари на светот мораа да запрат со настапите, па затоа му сугерирав на ‘Пирели‘ да одиме со таква тема“, вели Адамс.

Календарот ќе биде објавен во ноември, а во него се појавуваат и Рита Ора, Нормани, Кали Учиз, Сент Винсент и раперите Савити и Бохан Феникс.