Велосипедистите во југозападна Германија ќе можат да уживаат во ретко виден луксуз: мост со подно греење.

Еден од првите вакви мостови на светот се отвори во градот Тибинген, овозможувајќи им на велосипедистите побезбедно да поминат на другата страна во зимски услови. Челичната конструкција ја отвори градоначалникот Борис Палмер, кој меѓу првите помина преку мостот.

Градовите низ Европа забрзано ја подобруваа својата велосипедска инфраструктура за време на пандемијата, првенствено отворајќи нови патеки.

„Загреани мостови за велосипедисти имаат смисла. Солта не може целосно да го отстрани мразот на патот“, вели портпаролката на Германското здружение на велосипедистички клубови.

Од градот најавуваат дека до 2025 година ќе се отворат уште два вакви моста во рамките на она што Палмер го нарече „супермрежа на велосипедски патеки“.

Мостот долг 35 метри беше изграден за 1,7 милиони евра, плус 22.000 евра за системот за греење.