СРПСКИТЕ ВАТЕРПОЛИСТИ ГО ЗЕДОА ПОСЛЕДНОТО ЗЛАТО ВО ТОКИО, МАКЕДОНИЈА МЕЃУ 93 ДРЖАВИ СО МЕДАЛ

Токио, (АП)

Ватерполистите на Србија го освоија последното злато на Олимписките игри во Токио, во пресрет на нивното денешно затворање. Во финалниот меч, тие ја совладаа Грција со 13:10 и ја одбранија титулата освоена пред пет години во Рио. Тоа е четвртиот медал за Србија во најстариот екипен спорт на олимпијадите.

САД се најуспешната нација на Игрите во Токио со 113 освоени медали, од кои 39 златни. Следува Кина со вкупно 88 медали, но дури 38 златни. Првата десетка ја заокружуваат Русија (71 медал/20 злата), Велика Британија (65/22), Јапонија (58/27), Австралија (46/17), Италија (40/10), Германија (37/10), Холандија (36/10) и Франција (33/10).

Македонија го заврши 21-годишниот пост и е меѓу 93 држави кои се закитија со медал во Токио, што е заслуга на теквондистот Дејан Георгиевски. Србија е најтрофејната држава во регионот со три злата, едно сребро и пет бронзи.