ПЛОЧКИТЕ НА ЛАУРЕАТИТЕ НА СВП ВО ПАРКОТ НА ПОЕЗИЈАТА ДОБИЈА КЈУ-АР КОДОВИ

Струга, (СМАРТ СДК.МК)

Спомен-плочките на лауреатите на Струшките вечери на поезијата (СВП) во Паркот на поезијата се обновени со додадени кју-ар кодови.

Досегашните бронзени плочки беа честа мета на кражби и вандалство, и сега се заменети со плочки од композитен материјал со метален слој, соопшти Фестивалот, чие јубилејно 60. издание почна синоќа.

На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло и се отпечатени кју- ар кодови кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на СВП на конкретниот лауреат каде што може да се погледне неговата биографија и неговата поезија.

„Во годините кога Струшките вечери одбележуваат 60-годишен јубилеј, со овој чекор сакавме да го вратиме Паркот на поезијата во фокусот на јавноста, да ја потенцираме неговата вредност и уникатност, како и да ги искористиме современите технологии што секојдневно ги употребуваме за да ја промовираме поезијата и добитниците на Златниот венец. Ова е само почеток на еден посеопфатен план за внесување нови содржини во Паркот на поезијата што ќе го направат атрактивно место во кое поезијата ќе ја има главната улога“, вели директорот на СВП Тодорче Тасевски.