НАГРАДАТА НА СВП ЗА НАЈДОБРА ДЕБИ КНИГА ЗА ХРВАТСКАТА ПОЕТЕСА ХЕРЦЕГ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската поетеса Моника Херцег е добитничка на наградата „Мостови на Струга“ на Струшките вечери на поезијата (СВП) за 2019 година. Фестивалот ја доделува наградата за најдобра дебитантска книга под покровителство на УНЕСКО. Признанието е за нејзиното првенче „Почетни координати“, збирка објавенa лани.

Херцег е родена во 1990 во Сисак, Хрватска, а студира физика во Риека. Уредник е на загрепското списание „Поезија“, како и на неговиот книгоиздавачки оддел. Нејзината збирка „Почетни координати“ е високо оценета од хрватската критика и се има закитено со неколку награди.

Наградената книга, според правилата на СВП, ќе биде објавена во тријазично издание (хрватски, македонски и англиски јазик). Истата ќе биде претставена на годинашното издание на фестивалот (21–28 август), кога ќе ѝ биде врачена наградата.