Стотици досега невидени фотографии направени за време на снимањето на „Сплетки“ (Only Fools And Horses) се откриени во архивите на Би-Би-Си и објавени на денот кога се одбележаа 40 години од почетокот на емитувањето на култната британска хумористична серија. Долго време заборавените негативи се дигитализирани, прикажувајќи ја екипата на разни локации за снимање.
Креирана од Џон Саливен, првата епизода на „Сплетки“ беше емитувана на 8 септември 1981. Таа се снимаше главно во Бристол и Западен Лондон, а до декември 2003 се емитувани седум сезони со вкупно 64 епизоди. Во тој период се снимени и неколку миниепизоди и божиќни специјали.
Серијата ги следи браќата Дерек (Дејвид Џејсон) и Родни Тротер (Николас Линдхерст) во нивните упорни настојувања да станат милионери, додека нивните финансиски инвестиции и луди идеи за брза заработка ретко се исплаќаа. Во првите сезони постојан член на екипата беше и нивниот мрзлив дедо, кој го играше Ленард Пирс, кого по неговата смрт во 1984 го замени Бастер Мерифилд во улогата на вујко Алберт.
Насловот на серијата е инспириран од стара англиска поговорка дека само будали и коњи работат. Во анкетата на Би-Би-Си од 2004, „Сплетки“ беше прогласена за најдобриот ситком на сите времиња.
По повод 40-годишниот јубилеј, во Лондон повторно, на три дена, се отвори пабот „Негс хед“, во кој фановите можеа да нарачаат кригла пиво за 83 пени или некој од омилените коктели на Дел Бој.