НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР СО КОНЦЕРТ ЌЕ ОДБЕЛЕЖИ 40 ГОДИНИ МУЗИЧКО ТВОРЕШТВО НА ТРОМБОНИСТОТ САШКО НИКОЛОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Националниот џез оркестар на 28 октомври од 20 часот во Националната опера и балет ќе одржи концерт посветен на тромбонистот, композитор и аранжер Сашко Николовски, со кој ќе бидат одбележани 40 години од неговото музичко творештво. Со оркестарот ќе диригира Џијан Емин.

На концертот насловен „Четири децении музика и инспирација“ публиката ќе има можност да слушне избор од композиции и аранжмани на Николовски, како и дела од други македонски автори со кои тој соработувал низ годините.

Николовски е дел од македонската музичка сцена преку бројни оркестарски состави, бендови и музички проекти. Во неговото авторско творештво се преплетуваат различни џез-стилови, мелодиски линии и динамични ритми. Неговиот прв авторски албум „Not for Sale“ е дел од неговата композиторска и аранжерска работа.

Билетите се достапни онлајн преку „МК тикетс“ и на нивните продажни места.