„Неонска рефлексија“ е насловена изложбата на македонскиот уметник Антонио Пирковски, чии инсталации се изложени во излози. Таа ќе може да се погледне до 31 октомври, а инсталациите се поставени во излозите на Францускиот институт и кафе-барот „Нано“ во Скопје.
Изложбата „Неонска рефлексија“, чија кураторка е Кристина Глигоровска, е дел од проектот „Излогот како уметнички медиум“, во реализација на галеријата „Акантус“ и Здружението за промоција на визуелната култура „Студио Вирту“.
„Клучниот елемент во делата е неонската светлина, која во излогот на Францускиот институт ја рефлектира пораката за испреплетената природа на уметноста, знаењето и модата, додека во излогот на кафе-барот ‘Нано‘ е отсликана симбиозата помеѓу уметноста, науката и технологијата”, вели Глигоровска.
Специјална гостинка на проектот беше Колин Д’Абовил, светски позната дизајнерка, сценографка и специјалистка за креирање излози.