По цела деценија политички и развојни опструкции, една од најисчекуваните културни установи во Осло конечно ги отвора своите врати утре. Станува збор за музејот „Мунк“, еден од најголемите на светот посветен на еден уметник.
Едвард Мунк (1863-1944) останува еден од најславните норвешки уметници и новиот музеј само ќе го зацементира тој негов статус. Вреден 260 милиони долари, необичниот вертикален дизајн на шпанското архитектонско студио „Ерерос“ е драматичен додаток на обновениот брег на Осло. На 13 катови се наоѓаат 11 изложбени сали, во кои се распоредени над 26.700 дела на Мунк, како и негови писма, фотографии и лични предмети. Изложени се неколку верзии на неговата најпозната слика „Вресок“.
Од 1963 година, колекцијата беше сместена во ниска зграда во станбената област Тојен, а одлуката за нејзина преселба беше забрзана по кражбата на две дела во 2004, меѓу кои и „Вресок“.
„Сликите беа вратени, но ова ја нагласи итната потреба од нов музеј“, вели директорот на „Мунк“, Стајн Олав Хенриксен.
Сместен до култната оперска куќа на Осло во заливот Бјервика, новиот музеј ќе обезбеди пет пати поголем простор за посетителите.
„Заборавете сè што знаете за музеите, ова е нешто поинакво“, вели Хенриксен.