НЕ МОРА ВЕЌЕ НИШТО ДА ДОКАЖУВАМЕ – „АББА“ ГО ОБЈАВИ ПРВИОТ АЛБУМ ПО 40 ГОДИНИ

Стокхолм, (Би-Би-Си)

„АББА“ денеска го објави својот прв албум со нова музика по 40 години пауза, насловен „Патување“ (Voyage). Тој содржи десет песни, од кои три претходно беа пласирани во јавност, сите напишани од машката половина на бендот, Бени Андерсон и Бјерн Улвеус.

„Мислам дека не мора да докажуваме ништо. Не мора ни да ризикуваме. Ако луѓето мислат дека сме подобри отколку пред 40 години, добро“, вели Андерсон за Би-Би-Си.

Тој и Улвеус велат дека пејачките Агнета Фалтског и Ани-Фрид Лингстад сè уште звучат феноменално, а се согласиле да снимаат нов албум само доколку не мора да се појавуваат во јавност.

„Зборувавме за тоа и рековме дека ние сè ќе преземеме. Иако не сме убави како нив“, кажа Андерсон.

„Затоа и шансите сите четворица повторно да бидеме на сцена се помали од нула“, додаде Улвеус.

Новиот албум сепак ќе биде проследен со турнеја, но на серијата концерти во специјално изградена сала во Лондон членовите на групата ќе бидат заменети со нивните дигитални верзии, таканаречени АББАтари, на кои ќе изгледаат како во 1979 година. Турнејата ќе трае од 27 мај до најмалку 4 декември.