ОД МЕТАЛ ДО ТЕХНО – ТАКСИРАТ СЕ ВРАЌА ПО ЕДНА ГОДИНА ПАУЗА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Култни македонски бендови и еден од предводниците на светската техно сцена вечерва ќе ја делат бината во арената „Борис Трајковски“, на финалето на 23. издание на фестивалот Таксират. Откако лани не се одржа, Таксират го означува враќањето на масовни настани во затворено во пандемијата, а влезот е дозволен само со ковид пропусница.

Програмата во 20:30 часот ја отвора легендарната метал група „Санаториум“, за која ова ќе биде прв настап во живо по подолго време, па следуваат „Мизар“ и српските рок ветерани „Партибрејкерс“. Таксират на полноќ ќе прерасне во техно забава со диџеј настапите на Германците Ен Клу и Борис Брејча, што е негово прво гостување во Македонија.

Малата сала е резервирана за трап/хип-хоп, а ќе настапат З++ од Хрватска, Црни Церак од Србија и домашните ѕвезди на жанрот Бон Праскиза, Јанг Дади, Ајри Скреч и Шорти Пи.