ГЕСТОТ ШТО БЕШЕ ЗАШТИТЕН ЗНАК НА МЕРКЕЛ ИМА СТРАНИЦА НА „ВИКИПЕДИЈА“ И ЕМОТИКОН, А НАСТАНАЛ СЛУЧАЈНО

Берлин, (АФП)

Рацете потпрени на стомакот, со врвовите на прстите што се допираат создавајќи облик на дијамант, овој гест беше заштитен знак на Ангела Меркел, која денеска заминува од канцеларската функција по 16 години и ја завршува 31-годишната политичка кариера. Тој е толку препознатлив што има своја страница на „Википедија“ и свој емотикон “<>“ и Меркел токму во таа поза е овековечена во музејот на восочни фигури „Мадам Тисо“.

Но, Merkel-Raute, како што се нарекува на германски, настанал сосема случајно, кога срамежливата Меркел не знаела како да застане за време на фотосесијата за магазинот „Штерн“ во 2002 година. Таа тогаш веќе беше лидерка на Демохристијанскиот сојуз на Германија (ЦДУ), но дури три години подоцна стана канцеларка.

„Таа едноставно не знаеше што да прави со рацете. Ги пушташе да висат или ги држеше споени, па во еден момент ѝ реков: ‘Вака изгледате премногу како ќерка на свештеник‘“, се присети своевремено фотографката Клаудија Кемпф.

Неколку месеци пред изборите во 2013, кога се бореше за третиот мандат, Меркел даде свое сопствено појаснување на гестот.

„Се работи за прашањето каде да ги ставите рацете. Ромбот ја покажува мојот одредена љубов кон симетријата“, кажа Меркел.

Гестот неодамна беше усвоен од наследникот на Меркел, Олаф Шолц, кој во таа поза се сликаше за весникот „Зидојче цајтунг“.