СЕГА МОЖЕ ДА СЕ ПАТУВА СО ВОЗ ОД ПОРТУГАЛИЈА ДО СИНГАПУР И ПОПАТ ДА СЕ ПОСЕТАТ ПАРИЗ, МОСКВА И ПЕКИНГ

Лондон, (Јуроњуз)

Сега може да се патува со воз од португалскиот град Лагуш до Сингапур, со неколку застанувања попат. Според анализите и пресметките што ги направиле британскиот блогер за железнички патувања Марк Смит и корисници на Редит, патувањето е долго 18.755 километри и може да се комплетира за 21 ден.

Меѓу попатните станици особено се издвојуваат Париз, Москва, Пекинг и Бангкок.

(Фото: Твитер)

Ова стана можно откако на 2 декември беше отворена нова секција од брзата пруга во Лаос, која ги поврзува неговиот главен град Виентијан и кинескиот град Кунминг. Долга 414 километри, оваа линија се градеше пет години и сега го овозможува најдолгото непрекинато патување со воз на светот.

Се проценува дека патувањето Португалија-Сингапур би чинело околу 1.200 евра во билети.

За да се пропатува оваа маршрута, би требало да се помине низ 13 држави, како Шпанија, Полска и Белорусија во Европа и Монголија, Тајланд и Малезија во Азија.