СПИЛБЕРГ НАПОЛНИ 75 ГОДИНИ – НЕГОВИТЕ ФИЛМОВИ ЗАРАБОТИЈА 10 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ, А НАЈВАЖНИОТ ГО РАБОТЕШЕ БЕСПЛАТНО

Лос Анџелес, (Јуроњуз)

Стивен Спилберг, „кралот на забавната индустрија“, наполни 75 години. Во кариерата долга 58 години снимаше филмови за диносауруси, вонземјани, дистопија и војни, го измисли еден од најомилените филмски ликови Индијана Џонс и на филмската индустрија ѝ донесе заработка од 10,1 милијарда долари, со што е најуспешниот режисер на сите времиња.

На сцената се појави на 17 години со аматерскиот проект „Firelight“, но Спилберг како своето филмско деби го смета краткиот филм „Amblin“ од 1968. Тој толку е значаен за него што така ја именуваше својата продукциска компанија.

Листата на неговите блокбастери е бесконечна: „Ајкула“, „Блиски средби од трет вид“, серијалот „Индијана Џонс“, „И-Ти“, „Паркот Јура“, „Малцински извештај“, „Минхен“, „Авантурите на Тинтин“…, а на 75 години го сними и првиот мјузикл, „Приказна од западната страна“.

Спилберг освои три оскари, најголемиот комерцијален успех му беше „Паркот Јура“, кој на светско ниво заработи над една милијарда долари, но тој за своето најзначајно дело го смета „Шиндлеровата листа“.

„Имаше траума насекаде и ние успеавме да ја доловиме таа траума. Не можете да го лажирате тоа“, кажа Спилберг.

Тој одби да биде платен за овој филм и сите свои приходи ги донираше.