Младиот режисер Филип Зарков вели дека модната историја на Штип му е голема инспирација и сака да сними филм за градот кој порано бил главен презентер на модата не само во Македонија, туку и во регионот. Дваесет и шестгодишниот Зарков е роден во Тетово, но неговите родители се преселиле во Штип каде го завршил основното образование. Средното образование го завршил во Уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а потоа добил стипендија за студии за филмска уметност во Санкт Петербург, Русија.
„Во Санкт Петербург отидов во 2018 кога една година го учев рускиот јазик. Потоа, од прва ги поминав сите приемни испити за филмска режија. Факултетот во овој град е стар повеќе од 100 години и располага со доста квалитетни професори, силни уметници, филмски режисери и продуценти и други крадри. Првиот дипломски труд ми беше играниот филм за народниот обичај ‘Четр’се’ снимен во штипско Ново Село и на Исарот, а вториот проект како завршен испит беше филм за една балерина која, за жал, го прекина играњето поради физичка повреда. По завршувањето на факултетот при крајот на 2024 се вратив во Македонија“, вели Зарков.
За неодамнешните Модни денови во Штип, Зарков беше ангажиран како уметнички илустратор.
„Моите моментални работни ангажмани во Штип се речиси при крај, затоа што определбата ми е да работам на филм, да снимам филмови. Во глава ми се филмови со приказни поврзани и со Штип. Нема да биде документарец, туку сакам да направам спој на денешната мода со модата некогаш, на пример, кога Штип започнувал во минатото со модата како текстилен град, како текстилна индустрија со ‘Македонка’, ‘Астибо’, па тие полиња со памук што некогаш одамна постоеле и за кои сите зборуваат, а никој ги нема видено денес“, вели Зарков.
Т. ЈОВАНОВСКИ