АРНОЛД ШВАРЦЕНЕГЕР И МАРИЈА ШРАЈВЕР И ОФИЦИЈАЛНО СЕ РАЗВЕДОА 10 ГОДИНИ ПО РАЗДЕЛБАТА

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Арнолд Шварценегер и Марија Шрајвер и официјално го комплетираа својот развод, повеќе од 10 години откако го почнаа процесот. Судските документи поднесени во вторникот покажуваат дека бил постигнат конечен договор помеѓу ѕвездата на „Терминатор“ и новинарката, со што и формално заврши нивниот 35-годишен брак.

Условите од разводот не се достапни за јавност.

Шрајвер, внуката на убиениот американски претседател Џон Кенеди, поднесе барање за развод во 2011, откако Шварценегер го заврши вториот мандат како гувернер на Калифорнија. Тоа уследи откако тој призна дека имал афера со семејната дадилка Милдред Баена, која му родила син во 1997.

Шварценегер и Шрајвер се венчаа во 1986 година и заедно имаат четири деца.