Кинеските власти им забранија на фудбалерите кои играат за националниот тим да се тетовираат, а на оние кои веќе имаат тетоважи им е советувано да ги отстранат. Генералната администрација за спорт (ГАС) кажа дека во сениорската и младинската репрезентација ќе биде строго забрането да влегуваат нови тетовирани играчи.
„Овој потег ќе помогне да се постави добар пример за општеството“, стои во новата директива на ГАС.
Кина од средина на 2018 почна да ги прикрива тетоважите на телевизија. Оттогаш, некои професионални фудбалери носат дресови со долги ракави за да не им се гледаат тетовираните раце.
„На репрезентативците кои имаат тетоважи им е советувано да ги отстранат. Во посебни околности, тетоважите мора да бидат покриени за време на тренинг и натпревар со согласност на остатокот на тимот“, вели ГАС.
Во кинеската култура, тетоважите често се поврзуваат со криминални групи и нецивилизираност. Тие не се одобрени од Комунистичката партија, но се многу популарни меѓу младите.