Уметниците за тетоважи стравуваат дека новата европска забрана за илјадници хемикалии содржани во мастилата за боење би можела тешко да ја погоди нивната дејност. Рестрикциите кои стапија на сила во вторникот се однесуваат на супстанци што можат да предизвикаат рак и други здравствени проблеми.
Европската Унија кажа дека новите правила ќе го намалат бројот на несакани реакции. Уметниците, пак, се жалат дека заменските мастила не се лесно достапни и можеби им недостига живост што ја бараат муштериите.
„Коронавирусот и месеци неработење тешко нè потресоа. Ова доаѓа како капак“, вели Себастијан Маковски, тату мајстор од Хамбург.
Се проценува дека 12% жители на ЕУ имаат тетоважа. Во Германија, секој петти човек е тетовиран, додека во Белгија, секоја година се прават половина милион нови тетоважи.
Новите регулативи за хемикалии беа усвоени од сите земји-членки во 2020. Со нив се забрануваат околу 4.000 хемикалии, како изопропанол, честа состојка во мастилата за тетовирање.
„Мастилата можат да бидат опасни и да предизвикаат кожни алергии и посериозни здравствени проблеми, како рак и генетски мутации. Новите правила не значат забрана за тетовирањето, туку го прават побезбедно“, вели Европската хемиска агенција.