ПАПАТА ТАЈНО ИЗЛЕГОЛ ОД ВАТИКАН ЗА ДА ПОСЕТИ МУЗИЧКА ПРОДАВНИЦА

Рим, (Ројтерс)

Папата Фрањо тајно излегол од Ватикан вчеравечер со цел да посети стари пријатели кои во Рим држат музичка продавница и оттаму се вратил со цеде. Посетата требала да остане приватна, но таму случајно се нашол новинарот Хавиер Мартинес-Брокал, кој го снимил папата со својот смартфон и снимката ја објавил на Твитер.

Фрањо останал во продавницата „СтереоСаунд“ во близина на Пантеон десетина минути. Портпаролот на Ватикан подоцна изјави дека тој отишол да ја благослови продавницата, која неодамна била реновирана.

На снимката објавена на Твитер се гледа како папата ја напушта продавницата и влегува во бел „фиат 500“ со ватикански таблички.

Сопствениците на продавницата му рекле на Мартинес-Брокал дека станале пријатели со папата пред многу години, кога тој сè уште беше кардинал Хорхе Марио Бергољо. Кога доаѓал службено во Рим, тој ја посетувал продавницата за да купи албуми со класична музика. Тие кажаа дека сега му подариле цеде со класична музика, без да наведат детали. Познато е дека папата е фан на Бетовен, Моцарт и Бах, но и на танго музиката.