ПРЕТСТАВЕН ПРВИОТ ТЕАТАРСКИ ПРАКТИКУМ ЗА ДЕЦА И МЛАДИ „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Од игра до претстава“ е насловен првиот театарски практикум во земјава, што денеска беше промовиран. Книгата е наменета првенствено за деца од предучилишна и училишна возраст, но и за обучувачи, наставници и сите оние кои сакаат да ги откријат тајните на театарската уметност.

Автори на книгата се Игор Ивковиќ и Афродита Кирјаковска. Тие собраа стотина практични театарски игри, поделени во осум тематски целини, со чија примена се поттикнуваат креативноста и личните емоционални, интелектуални и социјални компетенции кај децата и младите. Сите игри се практикувани во десетгодишната пракса на здружението за културно-уметничка едукација „Од игра до претстава“.