ИТАЛИЈА БАРА ЕСПРЕСОТО ДА ДОБИЕ ЗАШТИТЕН СТАТУС ОД УНЕСКО

Рим, (Гардијан)

Италија аплицираше во УНЕСКО за да му се даде заштитен статус на еспресото, тврдејќи дека е многу повеќе од обичен пијалак. Откако неаполската пица беше додадена на листата на светско нематеријално наследство, Италија сака да му обезбеди ваков статус на уште еден свој симбол.

„Пиењето еспресо е автентичен ритуал и израз на нашата друштвеност, што нè разликува од остатокот на светот“, изјави Џан Марко Чентинајо, заменик-министерот за земјоделство.

Еспресото бргу станало дел од националниот идентитет на Италија откако било креирано во Торино на крајот на 19. век. Според Националниот институт за италијанско еспресо, основан во 1998, овој пазар е вреден над четири милијарди евра годишно, при што повеќе од 90% Италијанци пијат една шолја секој ден.

Институтот ги има утврдено и прецизните мерки потребни да се приготви совршено еспресо.