ВО БРИТАНСКИ САФАРИ ПАРК СЕ РОДИ ПРВАТА КОАЛА ВО ЕВРОПА

Лондон, (Би-Би-Си)

Сафари паркот Лонглит во Велика Британија го покажа во јавност својот најнов жител: младенче на коала. Станува збор за првата јужна коала родена во Европа досега.

Младенчето е родено пред шест месеци, но дури неодамна почнало да излегува од торбичката на мајка му.

„Додека не се навикне да се храни со лисја, младенчето го јаде рециклираниот измет од мајка му, односно лисја кои се прочистени од токсини во нејзиниот организам“, велат од паркот.

Мајката Вајолет била донесена од Австралија во 2018. Лонглит сади сопствен евкалиптус за да ги храни своите коали.

Јужните коали се поголеми и повлакнести од нивните северни роднини. Природните живеалишта на коалите се загрозени зашто климатските промени го зголемуваат ризикот од појава на топло и суво време, што води кон пожари. Австралиската влада деновиве соопшти дека ќе вложи 35 милиони долари во заштита на коалите.