Милиони луѓе низ светот денеска влегуваат во Годината на тигарот, прославувајќи ја Лунарната нова година со шарени декорации, диви танци, посвети на своите предци и со молитви за среќа во годината што следува. Ова е третата Лунарна нова година во пандемијата на ковид-19, па прославите повторно се попридушени од вообичаено, а дел од традиционалните фестивали се откажани или се во помал обем.
Секоја година е именувана според еден од 12-те животински знаци од кинескиот хороскоп, па Годината на тигарот, кој е трет по ред, денеска ја наследи Годината на волот.
Лора Лау, авторката на „Прирачникот за кинескиот хороскоп“, вели дека луѓето родени во Годината на тигарот се стремат да бидат моќни, бунтовни, динамични, импулсивни, непредвидливи и авантуристи.
„Тигрите исто така обично имаат силна етика и се многу страсни“, додаде Лау.
Годините на тигарот имаат потенцијал да бидат експлозивни, но бидејќи 2022 е Година на водениот тигар, можеби ќе биде помалку агресивна.
„Водениот тигар е тигар со поотворени сфаќања“, вели Лау.