Му кажувале дека треба да игра фудбал, дека уметничкото лизгање е за девојчиња и дека зимските спортови немаат никаква смисла во Гвадалахара, но ништо од ова не го поколебало Мексиканецот Донован Кариљо, еден од ретките латиноамерикански спортисти на Зимската олимпијада во Пекинг.
Кариљо не дојде само да учествува, туку со одличната изведба во денешната кратка програма се избори да ги продолжи настапите утре. Со тоа стана најуспешниот мексикански лизгач на сите времиња.
„Можноста да бидам на олимпијада е нешто што навистина ме мотивира. Кога на други луѓе им зборував за овој мој сон, секогаш ми се смееја и ми кажуваа дека е невозможно Мексиканец да се квалификува“, вели 22-годишниот Кариљо.
Во Пекинг, тој е еден од 33-цата спортисти од девет латиноамерикански тима: Аргентина, Боливија, Бразил, Чиле, Колумбија, Еквадор, Мексико, Перу и Порторико. Уште 20 олимпијци доаѓаат од четири карипски држави. Бразил има најмногу учесници, десет, но тоа е ништо во споредба со 302 спортисти на ланските ЛОИ во Токио. Ниеден спортист од овој дел на светот не освоил медал на зимска олимпијада.
Кариљо е единствениот од четворицата мексикански олимпијци кој останал да се развива дома: двајца тренираат во САД и Канада, додека американската скијачка Сара Шлепер почна да настапува за Мексико откако се омажи за Мексиканец.
Мексико нема професионална лига во ниеден зимски спорт, ниту, пак, владата е заинтересирана за зимска олимпијада. Лизгалишта најчесто се атракција во трговски центри и на едно такво Кариљо се подготвувал за Пекинг.