ЛИТИУМСКИТЕ ПОЛИЊА ВО ЈУЖНА АМЕРИКА СЕ ЖИВОПИСНИ, НО ДОАЃААТ СО ВИСОКА ЦЕНА ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Берлин, (Јуроњуз)

Германскиот фотограф Том Хеген сними неверојатни фотографии од полињата за екстракција на литиум во Јужна Америка, кои, иако живописни, ја покажуваат мрачната страна на електричната иднина на светот.

Литиумот претставува излез од нашата зависност од фосилните горива. Како најлесниот познат метал на светот, тој има широка примена во електронските уреди, од мобилни телефони и лаптопи до автомобили и авиони.

Литиум-јонските батерии се најпознатиот погон на електричните автомобили, кои треба да сочинуваат 60% од продажбата на нови возила до 2030 година. Една батерија на „тесла модел С“ користи околу 12 килограми литиум.

(Фото: Т. Хеген)

Побарувачката по литиум моментално е огромна, но тоа доаѓа со одредена цена, бидејќи ископувањето е штетно за животната средина и ги загадува почвата и воздухот. Литиумот може да се опише како необновлив минерал кој обновливата енергија ја прави можна.

Во новата серија фотографии снимени од воздух, Хеген ги документира местата од таканаречениот Литиумски траиголник, каде што овој метал се извлекува и обработува. Овој регион се наоѓа на границата на Чиле, Аргентина и Боливија, а една четвртина е складирана на солените полиња во северно Чиле.

Живописните нијанси на литиумските полиња или езерца се предизвикани од различните концентрации на литиум карбонат. Боите може да варираат од розево бела до тиркизна и дречливо жолта.

Литиумот во Јужна Америка се наоѓа на сушни територии, а неговото извлекување троши огромни количества вода: 21 милион литри на ден, односно 2,2 милиона литри за еден тон литиум.