ДУБАИ ГО ОТВОРИ МУЗЕЈОТ НА ИДНИНАТА, ОПИШАН КАКО НАЈУБАВАТА ЗГРАДА НА СВЕТОТ

Дубаи, (АФП)

Дубаи го отвори Музејот на иднината (МОТФ), што властите го опишаа како најсовремена и најубава зграда на светот. Проектиран од локалното студио „Кила дизајн“, музејот има облик на издолжен прстен со празнина во средината и е сместен покрај издигната пруга.

Седумкатниот објект содржи изложби посветени на иднината и работилници и лаборатории за тестирање и развој на технологии. Тој дава увид во тоа како светот би изгледал за 50 години и предвидува како решенијата од следната генерација можат да го подобрат и револуционаризираат човештвото, при што идентификува и можни закани. Се осврнува и на вселенски истражувања, екосистеми и биоинженеринг и содржи прототипови на идни производи.

„Ова е архитектонско и инженерско чудо кое самоуверено ги испреплетува минатото и иднината и ја применува напредната технологија во традиционалните уметнички форми“, изјави Мохамед Ал Гергави, претседателот на Dubai Future Foundation.

Направен од јаглеродни влакна и нерѓосувачки челик, „Нешнал џиографик“ веќе го прогласи за еден од најубавите музеи на светот.