БРИТНИ СПИРС ПОТПИША ДОГОВОР ЗА МЕМОАРИ ОД 15 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Бритни Спирс потпиша еден од најбогатите договори за објавување книга, во која ќе се осврне на подемот кон славата, односот со семејството и искуствата од 13-годишното живеење под старателство. Американските медиуми објавија дека договорот со издавачката куќа „Сајмон и Шустер“ е вреден 15 милиони долари.

„Ова е еден од највредните договори досега, веднаш зад семејството Обама“, изјави извор блисок до поп ѕвездата.

Барак и Мишел Обама потпишаа договор за неколку книги, чија вредност се проценува на 65 милиони долари.

Договорот за книга следува неколку месеци откако Спирс ја доби судската битка за прекин на старателството, што беше воведено од татко ѝ Џејми во 2007. Таа лани првпат сведочеше на суд за животот во кој не ѝ било дозволено сама да носи приватни и професионални одлуки.