Објавен пред точно 50 години, „Кум“ ги урна рекордите на киноблагајните, освои три оскари, меѓу кои и за најдобар филм и ја воведе публиката во светот на мафијата. Но, кога на тогаш 29-годишниот режисер Френсис Форд Копола му било понудено да го адаптира бестселерот на Марио Пузо, тој одбил во прв момент.
„Бев многу разочаран кога првпат ја прочитав книгата. Мислев дека е нешто што Пузо го напишал за да заработи пари за своите деца. Кога ми понудија да го снимам филмот, главно зашто сите други одбија, одбив и јас“, се присети Копола по повод 50-годишнината на филмот.
За среќа, неговиот млад соработник Џорџ Лукас инсистирал да ја прифати работата.
„Френсис, ни требаат пари, мора да прифатиш ваква понуда“, му рекол Лукас, кој подоцна го создаде серијалот „Војна на ѕвездите“.
„Кум“ имаше премиера на 24 март 1972 во невообичаено голем број киносали истовремено и до септември стана филм со најголема заработка во историјата, почнувајќи ја ерата на блокбастери. Снимен со буџет од 2,5 милиони долари, филмот заработи 130 милиони, а Копола, кој дотогаш немал голем хит, стана првата суперѕвезда меѓу филмските режисери.
На Оскарите во 1973, „Кум“ беше прогласен за најдобар филм, Марлон Брандо за најдобар актер, а Копола и Пузо ја поделија наградата за најдобро адаптирано сценарио. Меѓу 11-те номинации беа и актерите Ал Пачино, Роберт Дувал и Џејмс Кан.