СО ПРВАТА ПЕСНА БРОЈ ЕДЕН НИЗ ЦЕЛ СВЕТ – РИК ЕСТЛИ ПО 35 ГОДИНИ ПОВТОРНО ЌЕ ГО ОБЈАВИ ДЕБИ АЛБУМОТ

Њујорк, (АП)

На повеќето поп ѕвезди им требаат неколку години и албуми пред да го извадат тој еден хит. На Рик Естли му успеа со првата песна.

„Во мојот случај беше една песна. Бум! Број еден секаде низ светот. А, само сакав да напишам нешто што ќе може да се пее во еден глас“, вели сега 56-годишниот Естли.

Песната е „Never Gonna Give You Up“ од неговиот дебитантски албум „Whenever You Need Somebody“ од 1987. Триесет и петгодишнината ќе биде одбележана во мај со реиздавањето на албумот.

Естли, кој потекнува од мал град од северот на Англија, имаше само 20 години кога го снимаше албумот.

„Во тоа време бев среќен што можам да бидам во професионално музичко студио. Не знаев ништо за процесот на снимање. Бев неискусен и наивен“, вели тој.

„Never Gonna Give You Up“ беше број еден во повеќе од 20 држави, меѓу кои и САД и Велика Британија, а на албумот беше уште една заштитна песна на Естли, „Together Forever“.

Естли сними уште три албуми пред да се повлече од музичкиот бизнис на десетина години. Последниот, осми албум го објави во 2018. Ова лето, тој ќе оди на голема турнеја во САД со „Њу кидс он д блок“, „Ен Вог“ и „Солт-ен-Пепа“.