Вечерва е кулминацијата на сезоната на филмски награди, Оскарите ќе се доделат по 94. пат. По минатогодишното скромно доделување поради пандемијата, свечената церемонија се враќа во театарот „Долби“ со публика, црвен тепих и водители.
Ова се некои занимливости кои го следат вечерашното доделување, кое „Моќта на кучето“ го пречекува како најголем фаворит со 12 номинации.
- Со 87 години, Џуди Денч би можела да стане најстарата победничка во актерските категории. Моментално, рекордер е Ентони Хопкинс, кој лани славеше како 83-годишник.
- „Вози го мојот автомобил“ е најдолгиот номиниран филм оваа година со 179 минути. Најдолгиот филм кој освоил оскар е „Војна и мир“ (1968) – 414 минути или седум часа.
- Џејн Кемпион е првата жена која двапати била номинирана за најдобар режисер и повторно ќе има дуел со Стивен Спилберг, кој ја победи во 1994.
- Кејт Бланшет е актерката која играла во најмногу филмови номинирани за најдобар филм – девет, со што ја надмина Оливија де Хавиланд. Оваа година, таа се појавува во „Не гледај горе“ и „Алејата на кошмари“.
- „Приказна од западната страна“ е првиот римејк на претходен оскаровец за најдобар филм кој би можел повторно да ја освои оваа награда. Само еден римејк досега бил прогласен за најдобар филм, „Покојните“ во 2006, но хонгконшкиот оригинал „Пеколни работи“ не бил номиниран.
- Сепак, многу поголеми шанси ѝ се даваат на Аријана Дебоуз да го освои оскарот за истата улога за која Рита Морено триумфираше во 1961.
- „Бегање“ (Данска) е првиот филм кој истовремено е номиниран за најдобар странски филм, најдобар документарец и за најдобар анимиран филм.
- За најдобра актерка конкурираат Џесика Честејн, Оливија Колман, Никол Кидман, Пенелопе Круз и Кристен Стјуарт. Ниеден од овие филмови не е номиниран за најдобар филм.
- Иако „Нетфликс“ имаше фаворити во „Рома“, „Менк“ и „Ирецот“, стриминг платформите досега немаат освоено оскар за најдобар филм. Ова веројатно ќе се промени вечерва.