АНГЕЛИНА БУЛЕСКА ЌЕ БИДЕ ПРВА МАКЕДОНСКА ПРЕТСТАВНИЧКА НА МЕЃУНАРОДЕН НАТПРЕВАР ВО ГИМНАСТИКА НА КОЊ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонија првпат ќе има претставник на едно меѓународно натпреварување во гимнастика на коњ, благодарение на учеството на 13-годишната Ангелина Булеска на ЦВИ Гроте-Брогел во Белгија. Ова натпреварување ќе се одржи од 22 до 24 април, а покрај Македонија, ќе настапат уште десет држави, меѓу кои и САД, Германија, Велика Британија и Јужна Африка.

Булеска ќе се натпреварува во поединечна конкуренција за деца до 14 години, а ќе ја води холандскиот тренер Мета Јанс.

Таа е единствената во Македонија која се занимава со волтажирање, односно акробатско јавање коњ, спортска дисциплина за која нема соодветни услови кај нас, па тренира и во Холандија.