ПО 45 ГОДИНИ СЕ РАСТУРИ „ПРЉАВО КАЗАЛИШТЕ“, СЕ СКАРАА ДВАЈЦАТА ОСНОВАЧИ НА БЕНДОТ

Загреб, (Јутарњи лист)

„Прљаво казалиште“, еден од најдолговечните бендови од бивша Југославија, се распадна по 45 години откако се скараа неговите основачи Јасенко Хоура и Тихомир Филеш. Хрватските медиуми јавуваат дека двајцата веќе не зборуваат и си испраќаат закани со тужба.

„Иако стана јасно дека веќе нема да работиме заедно, Хоура договорил настап на ‘Прљаво казалиште‘ на 24 јуни. Јас сум сопственик на печатот и името на бендот и тој настан не смее да се нарекува концерт на ‘Прљаво казалиште‘, освен ако не сакаат да ризикуваат тужба“, изјави Филеш за „Јутарњи лист“.

Тој појасни дека нивните односи се влошиле откако Хоура пред една година почнал самоиницијативно да работи на нов албум без него и пејачот Младен Бодалец.

„Прљаво казалиште“ почна како бенд од југословенскиот „нов бран“, објавувајќи го првиот албум во 1979 година, за потоа да прифати помек рок звук.