Класичното дело на Хенрик Ибзен, „Народен непријател“, во режија на Нина Николиќ, премиерно ќе се изведе в понеделник во Македонскиот народен театар. Ова е последниот производ од сложениот проект „Патиштата на хероите“, поддржан од програмата „Креативна Европа“. Во претставата играат Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Нино Леви, Александар Михајловски, Мартин Ѓоргоски и Јана Вељановска.

Првенката на МНТ, Звездана Ангеловска, открива дека игра лик кој не е толку тежок колку што е комплексен, зашто има многу длабочина.

Ангеловска вели дека постојаната работа ѝ помогнала полесно да ја преброди пандемијата (Фото: К. Попов)

„Во претставата го толкувам ликот на Катерина Стокман. Таа е сопругата на доктор Томас Стокман и мајка на три деца и со оглед на темата со која се занимава ова големо дело, предизвикот да се игра овој лик е огромен. Делото е одлично напишано и иако спаѓа во класичната литература, во овој денешен контекст може да се каже дека пројавува форми на современа класика и се совпаѓа со денешните услови и околности и тоа во светски рамки. Предизвикот е неверојатно голем, затоа што се пресекуваат сите наши лични животи во контекст на ова современо живеење. Авторот се занимава со сите општествени проблеми, со кои ние сега повторно се соочуваме. За сите актери од екипата е огромен предизвик да се играат вакви ликови“, вели Ангеловска.

Таа верува дека публиката ќе може да се поистовети со ликовите и истовремено да ја поттикне на размислување.

„Мојот лик не е доминантен. Главниот лик е Томас Стокман, но таа е столбот и главна потпора на сопругот и на семејството. Прекрасен лик, прекрасна соработка, одлични партнери. Сигурна сум дека публиката ќе може да се поистовети со ликовите. Претпоставувам дека многу жени, мајки, сопруги ќе се пронајдат и ќе ги поттикне на размислување. А, која е целта? Можеби, да се подобриме. Да размислиме, да се преиспитаме, зашто во секое време учиме секојдневно. И секогаш вистината победува, тоа е реплика на мојот сопруг. Но, до вистината не се доаѓа така брзо понекогаш, туку низ долги процеси. Јас како Катерина сум рефлексија на сè она што мојот сопруг го знае, активна сопруга која не е само во позадината на семејството. Благодарение на режисерката Николиќ, успеавме да изградиме едно доминантно семејство од аспект на улогата на жената како сопруга и мајка. Ние дадовме современ контекст, зашто таа е свесна и присутна, не е изолирана од професијата на сопругот, таа го живее тој живот. Имаме една рамноправност. Во времето на Ибзен и не било баш така. Сепак, општеството малку еволуирало и затоа и ликовите во современ контекст се трансформирани. Во претставата, меѓу другото, се обработува и темата за улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас наспроти мнозинството, како и за феноменот на здруженото мнозинство и неговата моќ наспроти поединецот. Погубна е вистината секогаш ако се докаже дека некој од овие два субјекта не е во право и кога тоа најчесто времето го покажува, но, за жал, предоцна“.

„Мојот лик не е доминантен, но е столбот и главна потпора на сопругот и семејството“, вели Ангеловска (Фото: К. Попов)

Ангеловска смета дека само со работа може да се одржува духот и да се функционира во еден таков свет.

„Тоа го кажале многу автори и како реплика го имам изговарано во ликови. Дури и кај Чехов во ‘Вујко Вања‘. Ибзен е современ исто како и Чехов. И Стокман повторува дека само со работа, прочистување и одговорности може да се успее. Кога масовно се пројавува феноменот на страв, може да дојде до блокада. Тогаш се случува процесот на работа да не тече и стоиме во место, стагнираме. Затоа треба постојано движење, односно работа. Да си ја признаеме одговорноста, а не да ја префрламе на други“.

Ангеловска признава дека е пресреќна што публиката и актерите на големо се враќаат во театар по две години, но и додава дека искуствата од пандемијата можат да се искористат за да напредува како актерка.

„Поминавме многу овие две години. Јас, лично, работев постојано, особено со монодрамата ‘Само глас‘, која всушност е доудрама. Тој жанр ми беше еден нов предизвик. Многу сме среќни што театрите се враќаат во некакви нормални околности, публиката се враќа помногубројна. А, со едно вакво дело, каде што повеќе луѓе сме на сцена, просто сум пресреќна што ги слушам гласовите и сме поголема екипа и кастинг. Пандемијата никогаш нема да ја заборавиме, но целта е да одиме напред. Сигурна сум дека огромното искуство што го поминавме во изминатите две години ќе даде резултат при градењето и толкувањето на ликовите. И тоа е можеби една позитивна работа од сето тоа“, вели Ангеловска.

Г. КОНЕВ