ДЕВЕТТЕМИНА БЛИЗНАЧИЊА ОД МАЛИ ГО ПРОСЛАВИЈА ПРВИОТ РОДЕНДЕН

Казабланка, (Би-Би-Си)

Деветтемина близначиња од Мали, што е единствен случај на светот, се совршено здрави, изјави нивниот татко за Би-Би-Си, откако тие го прославија првиот роденден.

„Сите лазат сега. Некои и одат по малку ако се придржуваат за нешто“, изјави Абделкадер Арби, офицер во војската на Мали.

За бебињата и натаму се грижат во клиниката во Мароко каде што се родија на 4 мај лани. Нивната 26-годишна мајка Халима Сисе исто така е добро.

„Не е лесно, но одлично е. Иако некогаш е напорно, кога ќе ги погледнеш бебињата наредени едно до друго, забораваш на сè“, додаде Арби, кој има и тригодишна ќерка.

Бебињата го соборија Гинисовиот рекорд за најмногу деца кои преживеале едно породување. Пред да се породи во 30. недела со царски рез, Халима беше префрлена во Мароко со помош на владата на Мали. Петте машки и четирите женски бебиња тежеа меѓу 500 грама и еден килограм при раѓањето.