Одложуваниот и преплатен железнички проект во Лондон, „Кросреил“, конечно се отвори за патници денеска, овозможувајќи далеку побрзи патувања од западот до истокот на градот преку серија нови, долги подземни тунели.
Преименувана во линија „Елизабет“ во чест на кралицата, железницата треба да превезува 200 милиони луѓе годишно и ќе го зголеми лондонскиот железнички капацитет за 10%.
„Треба да бидеме исклучително горди на оваа фантастична нова линија, соодветна на 22. век. Пространа е, тивка и удобна“, изјави градоначалникот Садик Кан.
Изградбата почна пред повеќе од 12 години и во тоа време беше најголемиот инфраструктурен проект во Европа. Буџетот тогаш беше поставен на 14,8 милијарди фунти, а отворањето за декември 2018. Поради бројни проблеми, „Кросреил“ се отвори со три и пол години задоцнување, а буџетот беше надминат за четири милијарди фунти.