МАЛИ ЗАМЕНИ ВО ИСХРАНАТА ЗА ПОТЕНОК СТРУК ВО 2018

Лондон, (Мирор)

Сигурно за многу луѓе една од главните цели во 2018 година е намалување на тежината. Меѓутоа, една од најчестите грешки е да се почне со строга диета, посакувајќи драстична промена.

Здравиот процес на ослабнување се одвива постепено. Со овие мали замени во исхраната ќе можете да уживате во јадењето, а, истовремено, да изгубите тежина.

Наместо да нарачувате храна, гответе дома

Вашата омилена кинеска, индиска или арапска храна не мора да се заборави. Едноставно, најдете рецепти кои можете сами да ги зготвите на поздрав начин за полесно варење.

Наместо да прескокнувате оброци, имајте три избалансирани оброци на ден

Лесно може да се случи да отидете без појадок на работа, а и ручекот да го поминете на брзина, бидејќи сте премногу зафатени. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека луѓето кои јадат редовни оброци и ужини имаат поголеми можности да земаат подобри одлуки во врска со нивното здравје.

Наместо истата храна, имајте разновидни оброци

Никој не сака да ја јаде истата храна секој ден. Измешајте ги оброците и сменете ги начините на коишто ја готвите храната, на пример, компирите да се направат пире, да се печат во форма на чипс или стапчиња, а зеленчукот може да се готви на пареа, да се врие или да се пече на скара со разни зачини.

Наместо цедени сокови и смути, јадете цели овошја

Свежите сезонски овошја можат да најадат, додека цедените сокови побрзо поминуваат низ метаболичниот систем, без да го задоволат целосно вашиот апетит. Размислете колку понајадени би се чувствувале кога би изеле цели пет портокали, во споредба со тоа кога од истите би направиле чаша цеден сок.

Користете нискокалорично спреј-масло за готвење

Можеби, за вас не претставува проблем кога пржите месо или зеленчук во слој од масло, но секој пат кога го правите тоа, внесувате стотина калории, кои многу лесно можат да се избегнат ако користите масло за готвење во спреј.