ИЗЛОЖБА НА СТРИПОВИ ОД СЕДУММИНА ДОМАШНИ АВТОРИ ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Изложба на стрипови од седуммина македонски автори ќе се отвори вечерва во Галеријата на Младински културен центар во Скопје (20 часот). Таа содржи дела од Иванка Апостолова, Гаја Смилевска, Матеј Богдановски, Вук Митевски, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Ѓорѓе Јовановиќ и се работени според мотиви на современи македонски писатели или се целосно нивно авторство.

Стрипот помина долг пат до уметничка/теоретска/академска афирмација. Преку оваа изложба настојуваме да го прошириме погледот на можните начини на презентирање и промовирање на стриповите, притоа отворајќи простор за дискусија за продукцијата, пред сè, на некомерцијалните, авторски стрипови. Токму авторскиот стрип се позиционираше како составен дел на визуелната култура, па затоа треба да продолжи да се афирмира и да се подига свеста за неговите уметнички, комуникациски и едукативни потенцијали“, се вели во најавата на изложбата насловена „Цртање приказни“.