НОРВЕШКАТА МАШИНА ЗА ГОЛОВИ ЕРЛИНГ ХОЛАНД ДОЈДЕ ВО МАНЧЕСТЕР СИТИ 22 ГОДИНИ ПО ТАТКО МУ

Манчестер, (Би-Би-Си)

Еден од најпосакуваните напаѓачи на светот Ерлинг Холанд изјави дека дошол на вистинското место да си ги исполни амбициите откако денеска го комплетираше трансферот од Борусија Дортмунд во Манчестер Сити, вреден 51,2 милиона фунти. Дваесет и едногодишниот Норвежанец потпиша петгодишен договор со англискиот првак, откако постигна 86 гола на 89 натпревари за Борусија.

„Ова е ден за гордост за мене и моето семејство“, кажа Холанд, чиј татко Алф-Инге играше за Сити од 2000 до 2003 и беше негов капитен.

Холанд е роден во Лидс, каде што татко му играше пред да потпише за Манчестер на истиот овој ден во 2000. Во Сити ќе има неделна плата од 375.000 фунти, плус бонуси.

„Отсекогаш сум се воодушевувал на стилот на игра на Сити. Тие креираат многу шанси, што е совршено за играч како мене. Ова е одличен потег за мојата кариера“, додаде тој.

Сити се надева дека во Холанд нашол наследник на Серхио Агуеро. Холанд има постигнато 92 гола на 121 првенствен меч за Молде, Ред бул Салцбург и Борусија и е најмладиот играч кој стигнал до 20 погодоци во Лигата на шампионите. Вчера го даде 20. гол на 21 натпревар во дресот на Норвешка.