СЛЕДНИОТ ФИЛМ ЗА ЏЕЈМС БОНД НЕМА ДА ИЗЛЕЗЕ ПРЕД 2025 ОТИ ЛИКОТ МОРА ПОВТОРНО ДА СЕ ИЗМИСЛИ

Лондон, (Гардијан)

Следниот, 26. филм за Џејмс Бонд најверојатно нема да излезе во кината пред 2025 година, изјави продуцентката на серијалот Барбара Броколи. Таа додаде дека сè уште не го избрале актерот кој ќе го наследи Даниел Крег во улогата на тајниот агент 007.

„Засега никој не е фаворит. Разговараме во која насока да одиме со ликот. Нема сценарио и не можеме да го избереме пред да решиме каков ќе биде пристапот кон следниот филм, зашто тоа ќе биде повторно измислување на Бонд. За тоа треба време. Би рекла дека нема да снимаме уште најмалку две години“, кажа Броколи.

Крег ја напушти улогата по пет филма и тоа на крајно необичен начин, откако Бонд умира на крајот на „Нема време за умирање“, што покрена шпекулации за иднината на франшизата. Таа сега е во делумна сопственост на „Амазон“ по купувањето на филмското студио „МГМ“.

Броколи претходно потврди дека и следниот Бонд ќе биде машко, а како кандидати за улогата се издвојуваат Том Харди, Хенри Кејвил, Рене-Жан Пејџ, Ричард Маден и Идрис Елба.